НАДЛЕЖНОСТИ НА ССРМ

Советот е надлежен:

  • да ги избира и разрешува судиите;
  • да ги избира и разрешува претседателите на судовите;
  • да утврдува престанок на судиската функција;
  • да избира и разрешува судии поротници;
  • да ја следи и оценува работата на судиите;
  • да одлучува за дисциплинска одговорност на судиите;
  • да утврдува нестручно и несовесно вршење на судиската функција;
  • да утврдува престанок на судиска функција поради трајна неспособност за работа на судија;
  • да одлучува за одземање на имунитет на судија;
  • да одлучува по барање за одобрување на притвор на судија;
  • да предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија од редот на судиите;
  • да го разгледува годишниот извештај на Врховниот суд на Република Македонија за утврдените начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење на обезбедување на единство во примена на законите;
  • да одлучува за времено отстранување на судија од вршење на судиска функција;
  • да го утврдува бројот на потребните судиски места по судови;
  • да ги разгледува и оценува тримесечните и годишните извештаи за работа на судовите;
  • да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството;
  • да постапува по претставки и поплаки на граѓаните и правните лица за работата на судиите и судовите;
  • да поднесува извештај за работата;
  • да донесе деловник и други општи акти со кои ги уредува работите од својата надлежност;
  • да утврдува ориентационен број на предмети што треба да ги реши судијата месечно и
  • да врши и други работи утврдени со закон.
Советот задолжително најмалку еднаш во месецот одржува седница на која расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правните лица за работата на судиите и судовите, како и за одолжување на судските постапки и за секоја одделна претставка и поплака донесува одлука, најмногу во рок од 60 дена.
 
Седницата на Советот по однос на претставките и поплаките е јавна.
  • Избор на судии
  • Разрешување на судии
  • Работа по претставки

Утврдување на слободни судиски места во основните судови

Советот со одлука го утврдува бројот на слободните судиски места за основните судови во Република Македонија, земајќи ги предвид вкупниот број на слободни места за судии во основните судови, како и проекцијата за потребите од местата кои ќе се пополнуваат по завршување на почетната обука.

Одлуката Советот ја донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови и ја доставува до Академијата за судии и јавни обвинители најдоцна до 31 март во годината во која одлуката е донесена.

 

Огласување на избор за судија

Советот донесува одлука за објавување на оглас за избор на судија веднаш по упразнување на судиското место, или по утврдена потреба за судиско место.Огласот се објавува во "Службен весник на Република Македонија" и во најмалку два дневни весника од кои еден на друг јазик различен од македонскиот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и трае 15 дена од денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија".

Избор на судија на основен суд

Советот избира судија на основен суд од ранг-листата на кандидати доставена од Академијата за судии и јавни обвинители што се јавиле на огласот.

Советот изборот на судија во основните судови од редот на кандидатите што ја
завршиле почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители го врши
редоследно според постигнатиот успех утврден во конечната ранг-листа.

Избор на судија на повисок суд

Советот избира судија во апелационен суд, Управниот суд, Вишиот управен суд, Врховниот суд на Република Македонија од пријавените кандидати на огласот што ги исполнуваат условите и критериумите предвидени во Законот за судовите и овој закон. Советот за судија ќе избере лице кое има највисоки стручни и професионални квалитети, кое ужива углед во вршењето на судиската функција, а врз основа на следниве критериуми:

  • стручното знаење и специјализација во струката и учеството во континуирана обука;
  • односот кон работата, при што се зема предвид почитувањето на законските рокови за преземање на процесните дејствија, почитувањето на законските рокови за донесување, објавување и изготвување на одлуките, односот меѓу бројот на потврдени, укинати или преиначени одлуки во однос на вкупниот број на решени предмети, бројот на решени предмети во однос со ориентациониот број на предмети што треба да ги реши судијата месечно утврден од Советот;
  • способност за разрешување на правните прашања, при што се зема предвид достигнатиот степен на правилноста и законитоста на судското одлучување и утврдување, пред се, во постапките со правните средства;
  • чувањето на угледот на судијата и судот, што се утврдува од начинот на водењето на постапката, комуникацијата со странките и другите органи, чувањето на независноста, непристрасноста, доверливоста, значајноста и однесувањето кон работата и надвор од неа;
  • способност за усно и писмено изразување, што се огледа преку изготвените одлуки и судското стручно дејствување;
  • преземањето дополнителна работа во вршење на судиската функција со учество во решавање на заостанати предмети;
  • преземање дополнителна работа при вршење на судиската функција преку менторство, едукација и слично;
  • односот со соработникот и судската администрација и
  • способноста за вршење на задачи од раководен карактер.

Доколку кандидатот не е од редот на судиите, Советот прибавува мислење од правното лице каде што кандидатот работел, како и од други институции за неговиот стручен и професионален развој во областа на правото и неговата примена.

Доколку кандидатот е од редот на судиите, Советот прибавува мислење од судот и спроведува анонимна анкета на вработените во судот каде што кандидатот ја извршува судиската функција.

Претседателот на судот врз основа на одржаната седница на судиите го доставува мислењето до Советот.

Доколку кандидатот за судија за Управниот суд, односно Вишиот управен суд не е од редот на судиите, Советот прибавува мислење од државен орган каде што кандидатот работи.

Начинот на спроведување на анкетата го уредува Советот.

Одлука за избор на судија

За избор на судија, Советот расправа и одлучува на седница на која присуствуваат најмалку две третини од членовите на Советот.За судија е избран кандидатот кој добил две третини гласови од вкупниот број на членови на Советот.

Правична и соодветна застапеност во изборот на судии и претседатели на судови
Кога Советот избира судија и претседател на основен суд и апелационен суд кој се наоѓа на подрачје на единица на локална самоуправа каде што 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, одлучува согласно со членот 42 од овој закон, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Кога Советот избира претседател и судија на Врховниот суд на Република Македонија, одлучува согласно со членот 42 од Законот за судски совет, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Избор на претседател на суд

Советот избира претседател на суд од пријавените кандидати судии на оглас за избор на претседател на суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот. Советот за претседател ќе избере лице кое ги исполнува условите и критериуми утврдени со Законот за судовите.

Доколку по спроведена постапка за избор на судија или претседател на суд, Советот утврди дека ниту еден од пријавените кандидати на огласот за судија, односно претседател на суд не ги исполнил условите за избор за судија, односно претседател на суд, или не бил избран за судија, односно претседател на суд, ќе донесе одлука за повторно огласување на изборот на судија, односно претседател на суд.

Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот, до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови.

Избор и разрешување на судии – поротници

Советот избира и разрешува судии - поротници по предлог на претседателот на надлежниот основен и апелационен суд. Советот го утврдува бројот на судиите - поротници по предлог на претседателот на судот за кој се избираат судиите - поротници. Кога Советот избира судија-поротник во суд кој се наоѓа на подрачје на единица на локална самоуправа каде што 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

За судија или судија поротник не може да биде избрано лице кое со член на
Судскиот совет на Република Македонија е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар.

Престанување на судиска функција

Советот со решение ќе утврди престанок на судиска функција на судија, кога е исполнет некој од основите утврдени со Уставот, на начин определен со овој закон, и тоа:

  • по барање на судијата;
  • ако трајно ја загуби способноста за вршење на судиска функција;
  • со навршување на 64 години;
  • ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца и
  • ако е избран или именуван на друга јавна функција, освен во случаи на мирување утврдени со закон, со денот на изборот или именувањето на друга јавна функција или професија.

ОСНОВИ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА СУДИЈА

Судијата се разрешува од судиската функција:

  • поради сторена потешка дисциплинска повреда пропишана со закон што го прави недостоен за вршење на судиската функција и
  • поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, утврдено со закон.

Дисциплинска постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на судија

Дисциплинската постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на судија се поведува по барање на член на Советот, претседателот на судот, претседателот на повисокиот суд или општата седница на Врховниот суд на Република Македонија во рок од шест месеци од денот на осознавање на сторената повреда, но не подолго од три години од денот на сторувањето на повредата.

Дисциплинската постапка е итна и од доверлив карактер, се води без присуство на јавноста и со почитување на угледот и достоинството на судијата при што се води сметка за заштита на личните податоци на судијата согласно со прописите за заштита на личните податоци.
По барање на судијата Советот ќе одлучи постапката да се води со присуство на јавноста.
Дисциплинската постапка е итна и е од доверлив карактер. Се води без присуство на јавноста и со почитување на угледот и достоинството на судијата.

Барањето за поведување дисциплинска постапка се доставува до Советот и содржи име и презиме на судијата, адреса и место на живеење, единствен матичен број, во кој суд ја врши функцијата, опис на дисциплинската повреда, законскиот назив на повредата со наведување на одредбите од Законот за судовите и предлог-доказите што треба да се изведат на расправата.

Со барањето се доставуваат и доказите на кои се заснова барањето.

Барањето се доставува до Советот, се заведува во уписникот и по него се оформува предмет.

Доколку Советот најде дека барањето е ненавремено, нецелосно или недозволено со одлука ќе го отфрли барањето.
Доколку Советот го прифати барањето, Советот од своите редови формира Дисциплинска комисија во состав од претседател и четири члена.
Советот од своите редови определува еден заменик на претседателот на Комисијата и еден заменик за членовите на Комисијата.
Заменикот за членовите на Комисијата може да замени само еден член при одржување на состаноците и расправите.

Предметот се доставува на Комисијата.

Комисијата го доставува барањето лично до судијата против кој е поднесено.Судијата може писмено да одговори на наводите во барањето или да даде усна изјава на записник во рок од 8 дена од добивањето на барањето.Судијата против кој е поднесено барање има право на бранител којшто самиот го известува и го обезбедува за расправата.

Заедно со одговорот на барањето судијата ги доставува сите докази со кои ги побива наводите во барањето.
Врз основа на прибавените податоци и докази Комисијата поднесува извештај со предлог за основаноста на барањето до Советот.

Советот на седница расправа по барањето и предлогот на Комисијата и одлучува за поведување на постапка или за запирање на постапка.

Одлуката Советот ја донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот во рок од 30 дена од денот на приемот на извештајот.

Одлуката се доставува до подносителот на барањето, судијата и претседателот на судот каде судијата ја врши функцијата, а предметот со сите списи и` го предава на Комисијата.

Кога Советот ќе донесе одлука за поведување на дисциплинска постапка, Советот може со одлука времено да го отстрани судијата од вршењето на судиската функција, согласно со Законот за судовите.

Комисијата закажува расправа во рок од 15 дена од денот на донесувањето на одлуката за поведување дисциплинска постапка.На расправата комисијата работи во полн состав.Со расправата раководи претседателот на Комисијата.

На расправата се покануваат подносителот на барањето и судијата.Ако учесниците кои се уредно поканети не дојдат, а изостанокот не го оправдаат, расправата ќе се одржи.

На расправата ќе се изведат доказите предложени од подносителот на барањето, судијата, како и доказите што ги прибавила Комисијата.

Судијата има право да се произнесе по сите докази изведени на расправата.

За дејствијата преземени на расправата се составува записник.
Записникот го води лице што ќе го определи Советот, од редот на државните советници.

Комисијата во рок од 15 дена по завршувањето на расправата поднесува извештај за констатираната состојба и дава предлог до Советот да донесе одлука:

  • за запирање на постапката,
  • за изрекување дисциплинска мерка или
  • за разрешување на судијата поради сторена потешка дисциплинска повреда.

Советот врз основа на Извештајот и расправата на седницата на Советот може:

  • да ја запре дисциплинската постапка
  • да изрече дисциплинска мерка соодветна на сторената повреда
  • да го разреши судијата поради сторена потешка дисциплинска повреда.

Кога Советот ќе утврди дека не е сторена дисциплинска повреда ќе донесе решение за запирање на постапката.

За утврдената дисциплинска одговорност на судија, Советот може да ги изрече следниве дисциплински мерки:

  • писмена опомена,
  •  јавен укор и
  • намалување на плата во висина од 15% до 30% од месечната плата на судијата, во траење од еден до шест месеци.

Советот со решение ќе го разреши судијата за сторена потешка дисциплинска повреда од член 76 од Законот за судовите. Ваквото решение Советот го донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

Постапка за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција

Постапка за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција се поведува по барање на член на Советот, претседателот на судот, претседателот на повисокиот суд или општата седница на Врховниот суд на Република Македонија во рок од една година од денот на осознавање на сторената повреда.

Постапката е итна и од доверлив карактер, се води без присуство на јавноста и со почитување на угледот и достоинството на судијата при што се води сметка за заштита на личните податоци на судијата согласно со прописите за заштитата на личните податоци.

По барање на судијата Советот ќе одлучи постапката да се води со присуство на
јавноста.

Барањето се доставува до Судскиот совет на Република Македонија, кое се заведува во уписникот и по него се оформува предмет. Доколку Советот најде дека барањето е ненавремено, нецелосно или недозволено со одлука ќе го отфрли барањето. Доколку Советот го прифати барањето, Советот од своите редови формира Комисија за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, во состав од претседател и четири члена. Советот од своите редови определува еден заменик на претседателот на Комисијата и еден заменик за членовите на Комисијата. Заменикот за членовите на Комисијата може да замени само еден член при одржување на состаноците и расправите.

Комисијата го доставува барањето и доказите лично до судијата против кој е
поднесено.

Судијата може писмено да одговори на наводите во барањето или да даде усна изјава на записник во рок од 8 дена од добивањето на барањето.

Судијата против кој е поднесено барање има право на бранител којшто самиот го известува и го обезбедува за расправа.

Комисијата со барање прибавува податоци и докази кои се од интерес за утврдување на состојбата во врска со утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција на судијата.

Врз основа на прибавените податоци и докази Комисијата во рок од 30 дена поднесува извештај со предлог за основаноста на барањето до Советот.

Советот на седница расправа по барањето и предлогот на Комисијата и одлучува за поведување или за запирање на постапката.

Одлуката Советот ја донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.
Доколку судијата против кого се води постапка за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, поднесе барање за престанок на судиската функција, Советот во одлуката за престанок на судската функција по негово барање ќе констатира престанок на судиската функција по негово барање во која ќе назначи дека истата е донесена во време кога против судијата се водела постапка за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција.
Во ваков случај постапката се запира

Одлуката се доставува до подносителот на барањето, судијата и претседателот на судот каде судијата ја врши функцијата, а предметот со сите списи и` го предава на Комисијата.

Ако е поведена постапка против претседател на суд, одлуката се доставува и на претседателот на повисокиот суд.

Кога Советот ќе донесе одлука за поведување на постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, Советот може со одлука времено да го отстрани судијата од вршењето на судиската функција, согласно со Законот за судовите.

Комисијата закажува расправа во рок од 15 дена од денот на донесувањето одлука за поведување на постапката за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

На расправата Комисијата работи во полн состав.
Со расправата раководи претседателот на Комисијата.
На расправата се покануваат подносителот на барањето и судијата.
За дејствијата преземени на расправата се составува записник.

Комисијата во рок од 15 дена по завршувањето на расправата поднесува извештај за констатираната состојба и дава предлог до Советот да донесе одлука:

  • за запирање на постапката доколку не е утврдено нестручно и несовесно вршење на судиската функција или
  • за разрешување на судијата поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Извештајот треба да ги содржи сите списи и акти што во текот на постапката
Комисијата ги имала на располагање, изјаснувањето на судијата, опис на спроведените

Советот врз основа на извештајот и расправата на седницата на Советот најдоцна во рок од 30 дена од денот на одржувањето на расправата може да:

  • ја запре постапката доколку не е утврдено нестручно и несовесно вршење на судиската функција и
  • го разреши судијата поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Советот со решение ќе го разреши судијата за нестручно и несовесно вршење на судиската функција врз основа на одредбите од член 75 од Законот за судовите.

Ваквото решение Советот го донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

Право на жалба

Против решението на Советот за разрешување судија, односно изречена дисциплинска мерка, судијата има право на жалба до Советот за одлучување по жалбите на Судскиот совет, формиран при Врховниот суд на Република Македонија, во рок од осум дена од приемот на решението.

Советот за одлучување по жалба е составен од девет члена од кои тројца судии на Врховниот суд на Република Македонија, четворица судии од апелационите судови и двајца судии од судот од кој е судијата против кој е водена постапката.

Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија не може да биде член на Советот од ставот 1 на овој член.

Советот за одлучување по жалба може да го потврди или укине решението на Советот за разрешување на судијата, односно за изречена дисциплинска мерка.

Правосилната одлука за разрешување на судијата, односно за изречена дисциплинска мерка, се објавува на веб страницата на Советот во рок од два дена од денот на правосилноста на одлуката, согласно со прописите кои се однесуваат на заштита на личните податоци и класифицираните информации со почитување на угледот и достоинството на судијата.

Одредбите од овој закон со кои се уредува постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, односно постапката за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција се  однесуваат и на претседател на суд.

Судскиот совет на Република Македонија во рамките на својата надлежност, согласно Законот за Судски совет на Република Македонија и Деловникот за работа на Судскиот совет на Република Македонија, помеѓу другото е надлежен да постапува по претставки и поплаки на граѓаните и правните лица за работата на судиите и судовите.

Начинот на постапување по претставки и предлози е пропишан согласно Законот за постапување по претставки и предлози (Службен весник на РМ бр.82/2008 од 08 јули 2008 година). Согласно овој законн подносител на претставка, односно предлог може да биде секое физичко или правно лице – (подносител). Подносителот на претставката, односно предлогот не смее да биде повикан на одговорност, ниту да трпи какви било штетни последици поради поднесувањето на претставката, односно предлогот и изнесувањето на ставови и мислења, освен ако со тоа не е сторено кривично дело.

Претставките, односно предлозите се поднесуваат во писмена форма или усно на записник, поединечно или групно. Претставката, односно предлогот што е упатен до ненадлежен орган, се евидентира во евиденцијата на тој орган и без одлагање се доставува до надлежниот орган. Постапувањето по претставките и предлозите опфаќа прибирање на податоци, известувања и мислења за фактите и околностите од значење за нивно оценување, непосредно испитување, анализирање и евидентирање на појавите и причините за нивно поднесување и преземање на потребни дејствија и мерки за остварување на правата на подносителот или повредата на јавниот интерес утврден со закон.

Органот кој постапува по претставките и предлозите не постапува по анонимна претставка, односно предлог, освен ако се работи за прашање од јавен интерес утврден со закон.Органот нема да постапува по претставки и предлози и кога претставката, односно предлогот е со навредлива содржина. Органот кој постапува по претставките и предлозите е должен да му одговори на подносителот за основаноста и за резултатите од постапувањето во рок од 15 дена, а за сложени прашања во рок од 30 дена од приемот на претставката, односно предлогот. Кога органот кој постапува по претставките и предлозите ќе оцени дека е потребно претставката, односно предлогот да се прецизира и да се достават докази при разгледувањето, може тоа да го побара од подносителот и во тој случај погоре наведениот рок почнува да тече од почеток.

Согласно Правилникот за начинот на постапување по претставки и предлози (Службен весник на РМ бр. 2/2009 од 05.01.2009 година) поконкретно се пропишува начинот на постапување по претставките и предлозите на органите што постапуваат по претставките, односно предлозите.

Претставките, односно предлозите се поднесуваат во писмена форма (непосредно во органот или по пошта), во електронска форма или усно на записник, поединечно или групно. Поднесокот кој е поднесен во електронска форма треба да содржи електронски потпис. Претставката, односно предлогот по приемот најдоцна наредниот ден се заведува во Уписникот за претставки и предлози и се распоредува во работа.

Кога наводите во претставката, односно предлогот се нејасни или нецелосни, овластеното службеното лице може да побара од подносителот дополнување, допрецизирање или појаснување, најдоцна до пет дена од денот на приемот на претставката, односно предлогот.

Подносителот може во целиот тек на постапката да ги појаснува, надополнува или допрецизира наводите во претставката, односно предлогот.

Доколку во текот на постапката се утврди дека претставката, односно предлогот е поднесен во име на друго лице без овластување, ќе се смета дека таквата претставка, односно предлог како воопшто да не е ниту поднесен, за што ќе се извести подносителот.